За Училиштето

Историјат

Првата учебна година на Училиштето се смета 1922/23 год. кога започна да работи како двокласно трговско училиште. Лоцирано беше во првата зграда на денешното  Основно училиште:  “Гоце Делчев” и тоа само во долниот кат. Работеше според програмата на Државната трговска академија во Белград, но прилагодена за двокласно школување. Се примаа само ученици со завршени четири класа гимназија и положен полуматурски испит.  Но училиштето не беше рангирано како полно средно образование.

Во учебната 1925/26 год. започна да се применува програмата за четиригодишно школување, а на 27.06.1927 год. училиштето се здоби со статус на потполно средно образование и од Трговско училиште беше преименувано во Државна трговска академија. Во оваа Академија можеа да се запишуваат само ученици од градовите Битола, Охрид, Прилеп и Штип.  Лимитот на запишани ученици беше 30, иако имаше поголема заинтересираност. Се вршеше селекција и предност имаа учениците со одличен успех. Тогаш учениците кои завршуваа имаа висок углед во општеството поради нивната стручна подготовка и ги имаа пред себе сите најповолни можности за вработување во трговијата, поштите, банките, осигурителните друштва и др. На некои, работните места им беа резервирани уште пред завршувањето.

Името “Јане Сандански” училиштето го доби на 09.01.1945 год., од кога започна да се слави 22 април како патронен празник. Како резултат на повеќето промени кои беа извршени во Министерството за просвета, промени претрпе и самото училиште. Во 1960/61 год. училиштето конечно го добива името Средно економско училиште од кога почна да се применува новиот систем на образование со четирите предвидени насоки: книговодствена, комерцијална, финансиска и општа. Беше воведена и задолжителна практична работа од 6 часа седмично, која се изведуваше во банките и другите организации во градот.