ЗА УЧИЛИШТЕТО
ИСТОРИЈАТ
Првата учебна година на Училиштето се смета 1922/23 год. кога започна да работи како двокласно трговско училиште. Лоцирано беше во првата зграда на денешното Основно училиште: "Гоце Делчев" и тоа само во долниот кат. Работеше според програмата на Државната трговска академија во Белград, но прилагодена за двокласно школување. Се примаа само ученици со завршени четири класа гимназија и положен полуматурски испит. Но училиштето не беше рангирано како полно средно образование.
Во учебната 1925/26 год. започна да се применува програмата за четиригодишно школување, а на 27.06.1927 год. училиштето се здоби со статус на потполно средно образование и од Трговско училиште беше преименувано во Државна трговска академија. Во оваа Академија можеа да се запишуваат само ученици од градовите Битола, Охрид, Прилеп и Штип. Лимитот на запишани ученици беше 30, иако имаше поголема заинтересираност. Се вршеше селекција и предност имаа учениците со одличен успех. Тогаш учениците кои завршуваа имаа висок углед во општеството поради нивната стручна подготовка и ги имаа пред себе сите најповолни можности за вработување во трговијата, поштите, банките, осигурителните друштва и др. На некои, работните места им беа резервирани уште пред завршувањето.
По германската окупација, зградата на Академијата беше претворена во воена болница, инвентарот беше уништен, а од документацијата беа спасени само главните книги. Во 1941/42 год. училиштето беше преименувано во Државна трговска гимназија, а наставата се одвиваше по бугарски школски систем. Тогашното социјалистичко општество имаше потреба од средно економски кадар и затоа беше донесена одлука да отпочнат со работа трговски гимназии во Битола и Скопје.
Името "Јане Сандански" училиштето го доби на 09.01.1945 год., од кога започна да се слави 22 април како патронен празник. Како резултат на повеќето промени кои беа извршени во Министерството за просвета, промени претрпе и самото училиште. Во 1960/61 год. училиштето конечно го добива името Средно економско училиште од кога почна да се применува новиот систем на образование со четирите предвидени насоки: книговодствена, комерцијална, финансиска и општа. Беше воведена и задолжителна практична работа од 6 часа седмично, која се изведуваше во банките и другите организации во градот.
Благодарение на помошта од општествената заедница, кон крајот на 1974 год., беше извршена адаптација на зградата на некогашната воена амбуланта. Со собраните финансиски средства се реши просторниот проблем и се создадоа услови за нормално одвивање на наставно - образовниот процес. Како неисполнета обврска остана изградбата на спортска сала и кабинети.
Истата година беа воведени две, односно, три Програмски содржини во првите две години кои го определуваат профилот на училиштето. Во учебната 1982/83 год. според Законот за средно образование се воведе степенест систем на насочено образование, така што се усвоени заеднички воспитно образовни основи за I и II година. Во тој период постоеа Економско - комерцијална и Правно - биротехничка струка.
Следејќи ги промените во законската регулатива, училиштето денес работи со наставнички колегиум од 31 наставник од кои 18 професори по општообразовни предмети и 18 по стручните предмети; директор, педагог и 6 административно - технички работници.